Доколку тестот за бременост е позитивен, тогаш најверојатно си бремена. Се разбира, треба да појдеш и кај твојот матичен гинеколог за да ја потврди бременоста. 

Кога бременоста е непланирана, може да ти надојдат најразлични чувства и емоции. Може да почувствуваш среќа што си забременила, ама тоа може и да те шокира. Може да почувствуваш загриженост бидејќи не се чувствуваш подготвено да имаш бебе или бидејќи знаеш дека немаш услови да растеш бебе. Може да бидеш и лута што си бремена иако не си планирала или вознемирена при помислата што ќе кажат другите. Бременоста може да ти донесе возбуда поради тоа што носи голема промена во животот или, пак, страв од самото породување. 

Можеби најсилно ќе го чувствуваш притисокот веднаш да одлучиш што понатаму. Нема потреба од брзање. Дозволи им на чувствата да те заплиснат, ако имаш потреба од разговор – разговарај, но најважно од сѐ, не избрзувај со одлуката. 

Твојата одлука е вистинска доколку ја донесеш самата ти, без да ти се меша кој било друг.
За твоето здравје одлучуваш ти самата.

Може да решиш:

  • Да ја продолжиш бременоста и да станеш родител;
  • Да ја прекинеш бременоста така што ќе направиш абортус; 
  • Да ја продолжиш бременоста и да го дадеш бебето на посвојување.

Како и за сѐ друго во животот, поддршката е важна и во ваква ситуација. Можеби нема да ти биде лесно да решиш што понатаму, но знај дека поддршка постои. Убаво размисли за сите можности и биди сигурна дека одлуката, каква и да е, е правилна за тебе

Притоа, можеби ќе ти биде од помош да разговараш со луѓе на коишто им веруваш и да присобереш информации за сите опции. Може да разговараш и со партнерот, семејството или пријателите, како и со некој што не ти е толку близок. Може да се обратиш и кај матичниот лекар или твојот гинеколог. 

Пред да одлучиш, обиди се да направиш разлика помеѓу субјективните мислења и ставови и објективните информации засновани на наука. Притоа, размисли како одлуката што сега би ја донела ќе се одрази на твојот живот сега, на сето она што сега ти е важно, и на твојата иднина. 

Не заборавај, ти си најважна. За твоето здравје треба да одлучуваш сама. 

Ако сакаш да ја продолжиш бременоста, тогаш треба да појдеш кај твојот матичен гинеколог – или да си избереш матичен гинеколог – којшто понатаму ќе те води низ целата бременост. 

Грижата во текот на бременоста ќе вклучува редовни прегледи кај гинекологот којшто исто така ќе те советува и за: 

  • Здравата исхрана; 
  • Земањето фолна киселина и витамин Д;
  • Здравиот начин на живот; 
  • Користењето лекови;
  • Сексуално преносливите инфекции (превенција и терапија);
  • Влијанието на други здравствени состојби врз бременоста.

За да се подготвиш за породувањето, може да посетуваш и групни советувања коишто често ги организираат самите болници каде што може да се породиш. 

По породувањето, слободно може да продолжиш со сексуалните односи тогаш кога ќе се чувствуваш подготвено. За да не дојде до уште една непланирана бременост, те охрабруваме да се советуваш со гинекологот во врска со натамошното користење на соодветна контрацепција. 

Абортусот е безбеден начин да се прекине бременоста. Но, абортусот не треба да се користи како замена за контрацепција. 

Според постојниот Закон за прекинување на бременоста кај нас, секоја жена има право да направи абортус по лично барање до 22-та недела од бременоста. Пораното прекинување на непланираната бременост значи помалку несакани ефекти и побрзо заздравување.

Имаш право да ја добиеш оваа здравствена услуга: 

  • Без дополнително советување. Доколку, сепак, имаш потреба од советување, имаш право на објективно советување кое е базирано врз научни факти, а не
    на личните уверувања на гинекологот;
  • Без чекање. Абортусот мора да ти биде обезбеден навреме и без одложување, во рок од најмногу три дена од денот кога ќе поднесеш барање за абортус во здравствената установа;
  • Независно од мислењето на гинекологот или втор специјалист дури и доколку бараш абортус по 12-та недела од бременоста, а најдоцна до 22-та недела од бременоста;
  • Без приложување дополнителна документација од Јавното обвинителство, полицијата или центар за социјална работа доколку барањето за абортус е поради социо-економски околности или поради сексуално насилство.
  • Дури и ако си малолетна. Со тоа што, за да може да направиш абортус во ваков случај, твојот родител/старател треба да потпише информирана согласност. Истото важи и за девојките/жените на кои им е одземена деловната способност. 

Притоа, може да избереш да ја прекинеш бременоста хируршки или со лекови. 

Хируршкиот абортус е достапен во сите здравствени установи на секударно и терциерно ниво каде што има гинеколошко-акушерско одделение, и на државно и на приватно. Оваа здравствена услуга не се наплаќа само доколку абортусот е поради медицински причини (малформации на фетусот или одредени заболувања кај мајката).

Кога е по лично барање, во државните болници оваа здравствена услуга се наплаќа меѓу 5.000 и 14.500 денари, во зависност од тоа во кое тримесечје се изведува. Притоа, треба да имаш на ум дека цената е различна од болница до болница (зависно дали е државна или приватна, но разлики во цените има и меѓу самите државни болници). 

Абортусот со лекови (медикаментозен абортус) е достапен само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Зависно од тоа во кое тримесечје се изведува, оваа здравствена услуга се наплаќа меѓу 5.000 и 13.500 денари.
Одговорите на најчестите прашања за медикаментозниот абортус ќе ги најдеш тука.

Притоа, треба да знаеш дека: 

  • Абортусот не ги намалува шансите за бременост во иднина.
  • Абортусот не го зголемува ризикот од појава на рак.
  • Може да продолжиш со сексуалните односи тогаш кога ќе се почувствуваш подготвено – независно дали абортусот бил хируршки или медикаментозен. 

Штом продолжиш со сексуалните односи, задолжително користи модерна контрацепција. Како и за сите други аспекти поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, така и за контрацепцијата се препорачува совет со гинеколог или семеен лекар.

Посвојувањето ти е опција доколку не сакаш да бидеш родител, но не сакаш ни да направиш абортус. Ова значи дека ќе ја продолжиш бременоста до крај, ќе се породиш, но нема да се грижиш за новороденчето ниту ќе имаш законски права и одговорности за него штом заврши процесот на посвојување. 

Посвојувањето е формален процес за којшто е надлежно Министерството за труд и социјална политика. Судската одлука за посвојување е конечна и не може да се промени.

Доколку размислуваш за оваа опција, пожелно е да се консултираш со матичниот лекар, социјален работник или соодветно лице од Комисијата за посвојување при надлежното министерство. 

Scroll to Top