Достапна во Македонија

Што е? 
Опфаќа мноштво различни методи на контрацепција коишто не вклучуваат хормонски ниту бариерни методи:

  1. Лактациска аменореа
  2. Метод базиран на плодни денови
  3. Метод на мерење на телесната температура
  4. Метод на следење на цервикалната слуз
  5. Метод на прекинат однос

Како функционира? 
Методите поврзани со плодните денови, мерење на телесната температура и следење на цервикалната слуз функционираат така што на дневно ниво жената ги следи и бележи различните знаци и симптоми на плодност за време на менструалниот циклус заради планирање или избегнување бременост.

Лактацискиот метод е привремен и функционира додека мајката ексклузивно дои и нема добиено менструација по породувањето. Методот на прекинат однос се сведува на вадење на пенисот од вагината пред да настане ејакулација.

Ефикасност
При идеална употреба, ефикасноста е висока. Ова подразбира правилна употреба, голема посветеност и подолга пракса на користење.  

Колку чини?
Бесплатна е

Плус инфо
Нема несакани ефекти по физичкото здравје;
Знаците за плодност може да варираат поради болест, стрес или патување

Сакаш да дознаеш повеќе? Продолжи со читање.
Ако имаш какво било прашање, пиши ни тука.

Во кратки црти

  • Ефикасноста варира зависно од методот
  • Бесплатна е
  • Потребни се 3-6 менструални циклуси за да се научи правилно да се користи
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции (СПИ)

Најчесто поставувани прашања

Колку е ефикасна традиционалната контрацепција?

Ефикасноста на различните методи на традиционална контрацепција варира зависно од избраниот метод, но и од посветеноста и упорноста. Токму затоа, модерната контрацепција е многу поефикасна во спречувањето на непланираната бременост.

Кои се предностите?
  • Нема несакани ефекти;
  • Бесплатна е и нема дополнителни трошоци;
  • Прифатлива е за сите вери и култури;
  • Повеќето девојки и жени може да ја користат;
  • Штом го совладаш методот, нема потреба од дополнителни консултации со гинекологот;
  • Може да се користи за планирање или избегнување бременост;
  • Не вклучува хормонски или бариерни продукти;
  • Може да придонесе за поголема блискост и доверба со партнерот бидејќи и тој може да се вклучи во процесот.
Кои се недостатоците?
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции;
  • Во плодните денови треба да се апстинира од сексуални односи или да се користи друг тип на контрацепција (пр. кондом);
  • Доколку не се користи правилно, може да биде многу помалку ефикасна од други методи на контрацепција;
  • Бара посветеност и пракса;
  • Може да ти требаат неколку менструални циклуси пред да бидеш сигурна дека правилно си научила да ги утврдуваш „плодните денови“. Дотогаш, се препорачува користење на бариерна контрацепција (пр. кондом);
  • Треба редовно да се следат и бележат симптомите на плодност;
  • Болест, стрес или патување може да влијае врз симптомите на плодност;
  • Доколку треба да земеш итна контрацепција, ќе треба да почекаш да поминат цели два менструални циклуси пред да можеш да се потпреш на ефикасноста на традиционалната контрацепција.
Кој може да користи традиционална контрацепција?

Повеќето девојки и жени можат да ја користат. Но, би требало да размислиш за други методи на контрацепција доколку:

  • Имаш нередовни менструации;
  • Имаш сексуално пренослива инфекција или пелвично воспаление што може да влијае на симптомите на плодност;
  • Земаш лекови што влијаат на лачењето на цервикалната слуз;
  • Неодамна си престанала да земаш хормонска контрацепција;
  • Неодамна си имала абортус;
  • Неодамна си се породила и доиш;
  • Често патуваш во различни временски зони;
  • Не можеш да ја мериш телесната температура како што е препорачано;
  • Внесуваш големо количество алкохол.
Како функционира методот на лактациска аменореа?

Ова е привремен метод на контрацепција за новите мајки кои по породувањето уште немаат добиено менструација и кои ексклузивно дојат (бебето да не се храни со млечна формула или цврста храна и да е помало од 6 месеци). Доколку се исполнети условите, ефикасноста е 98 % во првите 6 месеци по породувањето. Ефикасноста му се намалува со намалување на доењето (пр. кај доенчиња кои се дохрануваат со формула или кај кои се воведува цврста храна). Плодноста се враќа веднаш по прекинувањето на методот.

Како функционира методот базиран на плодни денови?

Ова е метод кој кажува во кои денови од менструалниот циклус постои мала (или помала) веројатност да забремениш. Постојат повеќе методи за одредување на плодните денови (календарски метод базиран на должината на менструалниот циклус, мерење на базалната телесна температура, проверување на цервикалната слуз). Во неплодните денови, шансата за забременување е мала, а во плодните шансата за забременување е висока, па поради тоа треба да се користи друг метод на контрацепција или да се апстинира од сексуални односи. При идеална употреба, ефикасноста е 99 %, но при вообичаена употреба, ефикасноста е 78 %.

Како да знам кои ми се „плодни денови“?

Добар дел од девојките и жените не знаат во кој дел од менструалниот циклус се „најплодни“ (т.е. имаат најголема веројатност да забременат). Менструалниот циклус трае од првиот ден кога ќе добиеш менструација до првиот ден на следната менструација. Овој период обично трае 28 дена, но сосема вообичаено е и да трае пократко или подолго (21 до 40 дена).

Во текот на циклусот, јајниците ослободуваат јајце-клетка која патува низ јајцеводите. Кај повеќето девојки и жени ова се случува 12-16 дена пред менструалното крварење. Периодот околу овулацијата е најплодниот период од менструалниот циклус. За повеќето жени овој период варира од месец до месец. Колку долго трае периодот во кој може да забременат зависи од многу надворешни фактори кои не секогаш може да се контролираат (пр. стрес, прекумерен физички напор, патување, болест).

Кај оние кои имаат циклус на секои 28 дена, овулацијата обично настанува околу 14-от ден. Јајце-клетката која се ослободува, обично живее 12-24 часа, што значи дека за да настане бременост, сперматозоидот треба да ја оплоди јајце-клетката во првите два дена по овулацијата. Но, со оглед на тоа што сперматозоидите (машките полови клетки) можат да живеат во телото на жената до 5 дена, можеш да забремениш и доколку си имала секс 7 дена пред овулацијата. Со други зборови, теоретски гледано, може да забремениш 7-10 дена во месецот (т.н. период на „плодни денови“).

Кај повеќето девојки и жени, должината на менструалниот циклус варира секој месец, па поради тоа е потешко да се утврдат „плодните“ денови. Должината на менструалниот циклус е еден начин на кој можеш да ги утврдиш плодните денови. Друг начин е со дневно мерење на телесната температура или преку следење на промените во слузта од грлото на матката. За да добиеш што е можно поточна проценка, најдобро е сите три параметри да ги земаш предвид.

Како функционира методот на мерење на телесната температура?

Овој метод се базира на фактот дека по овулацијата, телесната температура се покачува. Жената треба да си ја мери температурата секое утро пред да стане од кревет. Идеално, би требало да ја мери секое утро во исто време, пред јадење, пиење или пушење. За поголема прецизност, се препорачува да се користи дигитален топломер.

Треба да се следи и бележи дали температурата е покачена за 0,2-0,5 °C. Доколку во текот на три дена едноподруго постои покачување на температурата, споредено со претходните шест дена, тогаш тоа е знак дека поминала овулацијата (т.е. „плодните денови“), што значи дека може да имаш сексуални односи сѐ до следната менструација. При правилна употреба, овој метод може да има ефикасност до 99 %, но во пракса, процентот на ефикасност обично е помал.

Како функционира методот на следење на цервикалната слуз?

Во текот на менструалниот циклус, се менува количината и текстурата на вагиналните исцедоци (односно, слузта од грлото на матката). Како што расте нивото на хормоните за телото да се подготви да ослободи јајце-клетка, така може да почувствуваш дека се појавува слуз што e влажна, леплива, бела, со текстура на крем. Ова е почетокот на плодниот период од менструалниот циклус. Непосредно пред самата овулација, слузта ќе стане уште повлажна, полизгава и почиста – како белка од јајце. Ова е знак дека си во „плодните денови“. Како што одминуваат, така слузта ќе стане погуста и полеплива, а по три дена веќе не би требало да си плодна, што значи дека би можела да имаш сексуален однос.

Како функционира методот на прекинат однос?

Ова е најстариот метод на контрацепција. Се сведува на вадење на пенисот од вагината пред да настане ејакулација. Штити од непланирана бременост затоа што, доколку се користи правилно, спречува да дојде до контакт на спермата со гениталниот тракт на жената, а со тоа и до оплодување на јајце-клетката.

Во просек, ефикасноста е околу 78 %. За да биде што поефикасен, партнерите треба да имаат доверба еден во друг, особено затоа што машките не секогаш прецизно може да контролираат кога ќе ејакулираат. Ефикасноста опаѓа доколку се користи алкохол и/или психоделични супстанци кои влијаат врз самоконтролата. Голем дел од непланираните бремености (кои потоа може да завршат со абортус) се јавуваат поради поголемата стапка на неуспех на оваа метода во споредба со модерните контрацептивни методи.

Штити ли традиционалната контрацепција од сексуално преносливи инфекции?

Не, штити само од непланирана бременост. Единствениот контрацептив што штити и непланирана бременост и од сексуално преносливи инфекции е кондомот.  

Scroll to Top