Достапна во Македонија

Што е? 
Растеглива обвивка направена од многу тенок латекс (гума), соодветна на големината на пенисот

Како делува?
Механички ги спречува сперматозоидите да стигнат до јајце-клетката и да ја оплодат

Како се користи?
Се поставува врз пенисот во ерекција, пред почетокот на сексуалниот однос, еве вака

Ефикасност
98 % ефикасен кога се користи правилно и при секој сексуален однос
85 % ефикасен во сите други случаи

Колку чини?
110 денари/ пакување со 3 кондоми
260 денари/ пакување од 6 кондоми
390 денари/ пакување од 12 кондоми
*Не е покриено со здравствено осигурување

Каде може да се набави?
На многу места низ целата земја: аптеки, супермаркети, бензински пумпи и сл. Бесплатно во младинските центри „Сакам да знам“ во Скопје.

Плус инфо
Штити и од сексуално преносливи инфекции, вклучително и ХИВ

Сакаш да дознаеш повеќе? Продолжи со читање.
Ако имаш какво било прашање, пиши ни тука.

Во кратки црти

  • 98 % ефикасност
  • Чини 110 денари/ пакување со 3 кондоми
  • Широко достапен во Македонија
  • Не е потребен рецепт
  • Штити и од сексуално преносливи инфекции (СПИ)

Најчесто поставувани прашања

Како правилно се користи кондом?

За да може правилно да се намести, машкиот кондом треба да се постави на дигнат пенис (додека е во ерекција), пред почетокот на сексуалниот однос. Еве како:

  • Внимателно отвори го пакувањето и извади го кондомот. Внимавај да не го оштетиш со ноктите или со накит. Никако не го кини пакувањето со заби.
  • Подмачканата страна е секогаш однадвор. При ставањето, притисни го кондомот за резервоарот на врвот и почни да го отвораш прстенот.
  • Кондомот се става на дигнат пенис. Постепено навлечи го кондомот до коренот на пенисот, истисни го преостанатиот воздух и израмни ги наборите. За да ги намалиш шансите да се скине кондомот, може да користиш лубрикант на водена или силиконска основа.
  • По свршувањето (ејакулацијата), внимателно придржи го кондомот за да не истече спермата.
  • Употребениот кондом фрли го во канта за отпадоци. Не фрлај го во тоалетната шолја.
  • За да ти биде појасно, може да го погледнеш и видеово.
Што ако ми се скине кондомот за време на секс?

И тоа се случува. Се случува и да се лизне. Најпрво, диши длабоко. Ако не сакаш да забремениш, а мислиш дека сперма влегла во вагината, треба да земеш итна контрацепција. Колку побрзо ја земеш, толку подобро, но знај дека треба да ја земеш најдоцна 72 часа по незаштитениот сексуален однос. Може да ја купиш со рецепт од гинеколог.

Притоа, ти препорачуваме и да се тестираш за сексуално преносливи инфекции (СПИ). Може да појдеш кај матичниот гинеколог или дерматовенеролог. Доколку доаѓаш од некоја општествено исклучена група на граѓани, може да добиеш бесплатна итна контрацепција и бесплатно тестирање за СПИ во младинските центри „Сакам да знам“ во Скопје.

Колку е ефикасен?

Ако го користиш правилно и пред секој сексуален однос, кондомот има 98 %  ефикасност во спречувањето непланирана бременост.
Башка, штити и од сексуално преносливи инфекции.

Пред да го ставиш кондомот, внимавај да не го допреш гениталниот предел на партнерката – претсемена течност може да излезе од пенисот пред да дојде до ејакулација (свршување). Ако ова се случи или ако сперма влезе во вагината на партнерката при заштитен вагинален секс, можеби ќе имате потреба од итна контрацепција. Во таков случај е препорачливо да направите тест за сексуално преносливи инфекции.

Кои се предностите на машкиот кондом?

Главната предност му е што штити и од непланирана бременост и од сексуално преносливи инфекции! Плус:

  • Лесно се користи, и тоа само во текот на сексуалниот однос;
  • Погоден е и за непланиран секс;
  • Може да се набави на многу места (аптеки, маркети, младински центри);
  • Нема потреба од консултација со лекар или здравствен работник;
  • Најчесто нема никакви несакани придружни ефекти.
Дали има несакани ефекти?

Најчесто нема. Некои луѓе имаат алергија на латекс, поради што се советува да користат кондоми од полиуретан или полиизопрен кои се антиалергиски.

Каде можам да купам кондом?

Тукуречи секаде – во аптеки, супермаркети, гранапчиња, на бензински пумпи… обрни внимание во какви услови се чуваат (пр. дали се изложени на директна светлина).

Колку чини?

Во просек, машкиот кондом чини од 110 денари за пакување со 3 кондоми  до 390 денари за пакување со 12 кондоми.

Инаку, е бесплатно достапен за општествено исклучените групи на граѓани во младинските центри „Сакам да знам“ во Скопје. 

Дали е задолжителна консултација со лекар?

Не. Кондомот може самостојно да го користиш. Не мора да се советуваш со гинеколог или дерматовенеролог, но ако имаш потреба, слободно прашај го сѐ што сакаш.

Кој може да го користи?

Повеќето луѓе можат безбедно да користат кондом, но ова не значи дека кондомот е најсоодветно контрацептивно средство за секого. 
Некои луѓе имаат алергија на латекс, па се советува користење на кондоми од полиуретан или полиизопрен. 

Како да знам дека не е оштетен?

Кондомот може слободно да го користиш доколку:

  • Му важи рокот на траење;
  • Не е оштетено пакувањето (пр. нема воздух внатре);
  • На пакувањето ја има ознаката CE.
Треба ли да користам лубрикант со кондомот?

Кондомите се премачкани со лубрикант за поедноставна употреба, но може да се користи и дополнителен лубрикант. Ова е особено препорачливо ако се користи за анален секс, за да се намали ризикот од кинење на кондомот.

Може да се користи каков било лубрикант со полиуретанските кондоми што не се направени од латекс. Ако користиш кондом од латекс или од полиизопрен, тогаш не користи лубриканти на база на масло – како лосиони, масла за тело или вазелин – бидејќи со нив кондомот може полесно да се скине.

Избегнувај да користиш кондоми премачкани со спермицид или да користиш спермицид како лубрикант бидејќи така ќе имаш поголеми шанси да се инфицираш со сексуално пренослива инфекција.

Правилно ли е што го чувам во џебот од панталони?

Па не баш. Топлината, влагата, триењето, светлината и острите предмети (пр. клучевите) можат да влијаат на квалитетот на кондомот и така да му ја намалат ефикасноста. Така што, не го чувај во џеб од панталоните, ниту во паричник. Можеш да го чуваш, на пример, во предниот џеб на кошулата или во метално кутивче.

Колку долго може да го користам кондомот?

Кондомот може да се користи само еднаш. Пред секој сексуален однос, користи нов кондом.

Кондомите имаат рок на траење кој е втиснат на самото пакување. Внимавај да не користиш кондоми со поминат рок. Секојпат користи кондом на чие пакување стои ознаката CE или UKCA. Ова значи дека кондомот бил тестиран според највисоките стандарди на безбедност.

Без кондом ми е поубаво. Чаре?

Нема фајде од секс ако не уживаш, но има ли фајде од секс ако после добиеш некоја инфекција?

Постојат кондоми во различни бои, форми и големини. Важно е да ти е удобно при сексуалниот однос, па можеби ќе треба да испробаш повеќе брендови додека да најдеш што најмногу ти одговара. Со исклучок на апстиненцијата, кондомот е и натаму најефективниот начин на заштита од сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост. Плус, да бидеме искрени: колку е помал ризикот, толку е поголемо уживањето!

Другар ми користи два кондома одеднаш, за двојна заштита. Во право ли е?

Не. Користењето два кондома одеднаш, еден врз друг, само ја зголемува шансата од кинење на кондомите бидејќи доаѓа до поголемо триење. Доволно е правилно да се користи еден кондом. Инаку, најефективниот начин да се спречи непланирана бременост е да се користи бариерно контрацептивно средство (кондом) и орална контрацепција.

Треба ли да користам кондом кога партнерката има менструација?

Се разбира! Секојпат кога имаш секс без заштита, постои ризик од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции.
Ова може да се случи независно дали сексуалниот однос ти е прв, дали се случува за време на менструација, дали избегнувате одредени секс-позиции или дали ќе се истуширате по односот. За време на менструацијата е уште полесно да се пренесат инфекции, така што секојпат користи кондом.

Треба ли партнерот да користи кондом ако јас пијам орална контрацепција?

Се разбира! Знаеш зошто? Затоа што оралната контрацепција штити само од непланирана бременост, не и од сексуално преносливи инфекции. Само кондомот штити и од двете!

Можам ли да забременам ако партнерот користи кондом?

Кога правилно го користите секојпат кога имате вагинален секс, шансите да забремениш се многу многу мали. Ниту еден контрацептив не нуди 100 % заштита, но со правилна употреба на модерна контрацепција, имаш многу поголеми шанси да уживаш во сексот без страв од непланирана бременост, отколку доколку користиш традиционална контрацепција.

Дали кондомот штити од сексуално преносливи инфекции?

Да, кондомот е единственото модерно контрацептивно средство што штити и од непланирана бременост и од сексуално преносливи инфекции. Добрата вест е дека го има и кај нас, тукуречи на секој чекор!

Дали може да се користат во комбинација со некој друг контрацептив?

Да. Може да се користат во комбинација со орална контрацепција за дополнителна (двојна) заштита.

Можe ли да купам кондом ако имам под 18 години?

Да, можеш. За кондомот не е потребен лекарски рецепт.

Scroll to Top