Достапна во Македонија

Што е?
Контрацептивни таблети кои содржат вештачка форма на женските хормони (естроген и прогестерон)

Како делува?
Спречува да се ослободи јајце-клетката (овулација)

Како се користи?
Таблетите се земаат еднаш дневно во исто време, во рок од 21 ден. Потоа се прави прави пауза од 7 дена. Во текот на таа седмица може да се појави крвавење налик на менстрауција. По истекот на тие 7 дена, се продолжува со земање на таблетите на истиот начин дури и ако има уште крвавење.

Ефикасност
Над 99 % ефикасна кога се зема редовно и правилно
92 % при типична употреба

Колку чини?
Од 450 до 850 денари
*Не е покриено со здравствено осигурување

Каде може да се набави?
Во аптека само со лекарски рецепт;
Бесплатно е достапна за општествено исклучени групи на граѓани во младинските центри „Сакам да знам“ во Скопје, по претходен преглед кај тамошниот гинеколог.

Плус инфо
Го намалува ризикот од рак на матката и јајниците.

Сакаш да дознаеш повеќе? Продолжи со читање.
Ако имаш какво било прашање, пиши ни тука.

Во кратки црти

  • 99 % ефикасност
  • Чини од 450 до 850 денари
  • Достапна во Македонија
  • Потребен е рецепт
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции (СПИ)

Најчесто поставувани прашања

Кои се предностите на оралната контрацепција?
  • Го регулира менструалниот циклус (редовни менструации на 28 дена);
  • Менструалното крварење обично станува пократко и пооскудно, а грчевите послаби;
  • Го олеснува проблемот со акните;
  • Штити од карцином на ендометриумот и јајниците и од одредени типови на рак на матката;
  • Штити и од воспаленија на различни места во женскиот репродуктивен систем;
  • Го намалува ризикот од функционални цисти на јајникот;
  • Дозволува спонтаност при сексуалниот однос;
  • Лесно се прекинува ако сакаш да забремениш.
Има ли несакани ефекти?

Оралната контрацепција може да има благи несакани ефекти, вообичаени само за првите неколку месеци од употребата.
Еве како можеш да ги ублажиш:

  • Вртоглавици и гадење: Земај ги таблетите навечер пред спиење или по јадење
  • Крвавење меѓу циклуси: Земај ги таблетите секој ден во исто време
  • Главоболки: Пробај да ги земаш таблетите навечер
  • Чувствителни гради, промена во расположението, замор или болки во грбот: Јади повеќе овошје, зеленчук и храна богата со омега-3 (риба, ленено семе и ореви) и доволно спиј

Доколку нема промена, разговарај со гинекологот за друг тип на орална контрацепција или за други можни методи на контрацепција.
Инаку, ризикот од сериозни несакани ефекти е многу мал.

Заборавив да ја испијам таблетата, што да правам?

За да бидат ефикасни (т.е. да штитат од непланирана бременост), контрацептивните таблети треба да се земаат во исто време секој ден, во рок од 21 ден. По овој период се прави пауза од 7 дена. Доколку не ги земаш редовно или во исто време, постои ризик да забремениш. Истиот ризик постои и доколку повраќаш или имаш дијареа.

Ако си заборавила да испиеш една таблета или си почнала да ги пиеш со еден ден задоцнување по паузата од 7 дена, тогаш и натаму си заштитена од непланирана бременост. Во ваков случај, испиј ја таблетата што си ја заборавила, дури и ако треба да земеш две таблети во ист ден. По ова, продолжи да ги пиеш таблетите како и претходно, по една дневно. Прави пауза од 7 дена како и обично.

Ако си заборавила да земеш две или повеќе таблети, најдобро е да се советуваш со твојот гинеколог. Ако станува збор за 8 или повеќе неиспиени таблети, тогаш не си заштитена од непланирана бременост. Ако си имала незаштитен секс во тие денови, направи тест за бременост или земи итна контрацепција. И задолжително јави се на консултација кај својот гинеколог.

Како полесно да запомнам да ја земам таблетата секој ден?

За да не заборавиш да ги пиеш таблетите редовно, можеш да го поврзеш земањето на оралната контрацепција со некоја друга редовна рутина како, на пример, миењето заби или туширањето. Или да си ставиш аларм на мобилниот или потсетник на огледалото.

Носи си таблета со себе за секој случај (пр. доколку не се враќаш дома) и носи си рецепт за секој случај, додека си на пат или на одмор.

Има ли шанси да забременам додека земам орална контрацепција?

Како и со секој друг контрацептив, ефективноста ќе зависи од тоа дали правилно и редовно се користи. Ако се користи како што треба, оралната контрацепција има ефикасност над 99 %, што значи дека на секои 100 жени, помалку од 1 жена би останала бремена годишно. Арно ама, најчесто таблетите не се пијат редовно, па шансите за забременување варираат и до 8 %.

Доколку мислиш дека може да си бремена откако си почнала да ги земаш таблетите, направи тест за бременост 3 недели по последниот незаштитен сексуален однос.

Дали е задолжителна консултација со лекар?

Да. Особено ако неодамна си се породила, си имала абортус, имаш пократка менструација или одредена здравствена состојба.
Матичниот гинеколог или семеен лекар ќе ти даде рецепт и ќе ти каже и дали има потреба од некакви испитување пред да почнеш да ја користиш.

Треба ли од време на време да направам пауза од оралната контрацепција?

Не, нема потреба. Досега не е утврдено дека правењето пауза влијае позитивно на здравјето или плодноста.

Има ли ефект врз акните?

Да. Оралната контрацепција содржи естроген и прогестерон, хормони кои ги намалуваат андрогените хормони во телото, што резултира со помалку себум, мрсна кожа и акни.

Може ли да пијам орална контрацепција кога имам менструација?

Може да почнеш да земаш орална контрацепција во кој било ден од менструалниот циклус. Доколку почнеш во првите пет дена од менструацијата, тогаш си заштитена од бременост од самиот старт. Но, доколку почнеш да ја земаш по 5-от ден од циклусот, тогаш мора да ја земаш најмалку 7 дена за да почне да делува. Па, ако имаш сексуален однос во тој период, користи дополнителна контрацепција (пр. машки кондом).

Дали ќе се здебелам ако користам орална контрацепција?

Нема докази дека ќе се здебелиш ако земаш орална контрацепција, ниту дека ќе ти пораснат повеќе влакна.

Ќе добијам ли рак на дојка ако користам орална контрацепција?

Земањето орална контрацепција може малку да го зголеми ризикот од рак на дојка. Но, треба да се има предвид дека, на пример, прекумерната тежина многу повеќе придонесува за негова појава отколку оралната контрацепција.

Од друга страна, оралната контрацепција го намалува ризикот од рак на јајниците и матката. Општо земено, има многу повеќе позитивни отколку негативни ефекти. Затоа најдобро е отворено да поразговараш со својот матичен гинеколог за да процениш дали овој тип на контрацепција би бил соодветен за тебе.

Може ли да користам орална контрацепција ако пушам?

Зависи од тоа колку години имаш и дали имаш некакви здравствени проблеми.
На пример, орална контрацепција не треба да користат оние:

  • Кои се бремени;
  • Кои пушат или престанале да пушат пред неполна година, а се постари од 35 години;
  • Кои имаат прекумерна телесна тежина;
  • Земаат одредени лекарства;
  • Имаат покачен крвен притисок (поради ризикот од згрутчување на крвта во крвните садови);
  • Имаат/имале одредени здравствени состојби (пр. срцеви аномалии, силни мигрени, рак на дојка, итн.).

Токму затоа, важно е отворено и искрено да поразговараш и да се советуваш со твојот гинеколог или семеен лекар.

Може ли да користам орална контрацепција ако пијам антибиотици?

Генерално, антибиотиците не ја намалуваат ефикасноста на оралната контрацепција доколку ја земаш редовно и правилно и доколку не дојде до повраќање или дијареа. Но, некои лекарства влијаат на ефикасноста, па затоа треба да го информираш лекарот дека користиш орална контрацепција.

Зависно од тоа каква терапија примаш, можеби ќе треба некое време да користиш дополнителна контрацепција (пр. кондом) или сосема да ја замениш оралната со некој друг метод на контрацепција.

Во секој случај, побарај совет од лекарот/гинекологот доколку те чека операција, имаш имобилизација подолго време или планираш долг лет.

Неодамна се породив. Може ли да користам орална контрацепција?

Обично, може да почнеш да користиш орална контрацепција 21 ден по породувањето доколку не доиш. Ако почнеш на 21-от ден, веднаш ќе бидеш заштитена од забременување. Ако почнеш по 21-от ден, користи и друга контрацепција или избегнувај сексуален однос во првите седум дена. Како и да е, пред што било да решиш, најдобро е да се консултираш со лекар (гинеколог).

Може ли да дојам и да користам орална контрацепција?

Доколку доиш, се препорачува да ја избегнуваш оралната контрацепција во првите 6 недели по породувањето бидејќи може да имаш помалку млеко.

Може ли да користам орална контрацепција по абортус?

Да, но кога зависи од видот на абортус.

Ако станува збор за хируршки абортус, тогаш може да почнеш со орална контрацепција веднаш по абортусот, дури и истиот ден.
Ако станува збор за медикаментозен абортус (абортус со лекови), може да почнеш со орална контрацепција откако абортусот ќе биде целосно завршен. Притоа, земи ги предвид насоките и информациите за контрацепција што ќе ти бидат дадени во рамки на постабортусното советување.

Може ли да ја користам во комбинација со друг контрацептив?

Се разбира. Со оглед на тоа што не штити од сексуално преносливи инфекции, слободно може да се користи во комбинација со кондом.

Смеам ли да имам сексуални односи во деновите додека правам пауза од оралната контрацепција?

Се разбира. Ако редовно ја земаш оралната контрацепција, може да имаш сексуални односи кога било. Оралната контрацепија ги спречува јајниците да ослободат јајце-клетка (процес што се нарекува овулација). Кога нема овулација, нема јајце-клетка што може да дојде во контакт со сперматозоид и да се оплоди. Без ова не може да забремениш.

Може ли да добијам ваква контрацепција ако сум малолетна?

Да, доколку имаш рецепт од матичен гинеколог или семеен лекар. Кај нас, ако си малолетна, ти треба согласност од родител/старател за да може да те прегледа гинеколог. Законски, матичен гинеколог може да избереш на 12-годишна возраст, повторно со согласност од родител/старател.

Инаку, медицинси гледано, овој тип на контрацепција може да го користат и малолетни.

Scroll to Top