Достапна во Македонија

Што е? 
Траен метод на контрацепција кај жените со кој се подврзуваат или пресекуваат јајцеводите

Како делува?
Механички се спречува движење на јајце-клетката низ јајцеводите, па не може да биде оплодена

Како се изведува?
Хируршки, обично трае 20 минути

Ефикасност
Над 99 %

Каде може да се направи?
На државно, не може да се добие по барање туку само во тек на друга интервенција или по породувањето. По барање може да се добие во приватните болници.

Колку чини?
На државно, не се наплаќа доколку се изведува по породување.
На приватно се изведува лапараскопски и чини меѓу 50 и 60 илјади денари, без трошоците за дополнителни испитување и нега.

Плус инфо
Не влијае на сексуалната желба ниту на менструацијата.

Сакаш да дознаеш повеќе? Продолжи со читање.
Ако имаш какво било прашање, пиши ни тука.

Во кратки црти

  • Релативно достапна
  • Над 99 % ефикасност
  • Ја прави исклучиво гинеколог
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции (СПИ)

Најчесто поставувани прашања

  • Траен метод на контрацепција;
  • Над 99 % ефективност во спречувањето на бременост;
  • Не влијае на сексуалната желба ниту на способноста да уживаш во сексот;
  • Не влијае на хормоните ниту на менструацијата.
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции, па се препорачува користење кондом;
  • Не е лесно реверзибилна постапка, би требало да се гледа како на трајно решение;
  • Може да биде неуспешна т.е. јајцеводите пак да се спојат и да станеш плодна, но ова ретко се случува;
  • Ако забремениш по операцијата, постои ризик од ектопична бременост;
  • Постои многу мал ризик од инфекција.

Подврзувањето на јајцеводите го изведува исклучиво гинеколог. Може да се изведе хируршки или лапараскопски. Неретко, може да се направи и по породување со царски рез, исклучиво со согласност од пациентката. Најчесто, пациентката може да си оди дома следниот ден, откако ќе помине дејството на анестезијата.

На овој начин, јајце-клетката не може да се движи низ јајцеводите кои ги поврзуваат јајниците со матката. Па така, до неа не може да стигнат сперматозоидите и да ја оплодат. По операцијата, јајниците ќе продолжат да создаваат јајце-клетки, но тие природно ќе ги ресорбира самото тело.

Не, бидејќи се прави со анестезија. По операцијата вообичаено е да се чувствува привремена непријатност, болки и грчеви, но се ублажуваат со лекови против болка.

Се разбира. Како и за секоја операција, задолжителна е консултација со стручно лице. Станува збор за траен метод на контрацепција, па би требало да си сосема сигурна дека (повеќе или воопшто) не сакаш да имаш деца. Доколку имаш партнер/-ка, би било добро да разговарате пред да решиш. Во секој случај, за оваа операција не е потребна согласност од партнерот/-ката.

Речиси за секоја жена или девојка која е сигурна дека повеќе никогаш не сака да остане бремена. Станува збор за траен метод на контрацепција, па би требало да си сосема сигурна дека (повеќе или воопшто) не сакаш да имаш деца.

Инаку, женската стерилизација може да се направи во кој било ден од менструалниот циклус.
Пред да одлучиш, информирај се и за спиралата. Тоа е уште еден долготраен метод на контрацепција што е достапен кај нас.

Се разбира. Секој сам треба да одлучува за своето тело, вклучително и за своето сексуално и репродуктивно здравје. Во секој случај, пред што било што да решиш, пожелно е да се консултираш со твојот гинеколог.

Не. Подврзувањето на јајцеводите не влијае на сексуалната желба ниту на самиот сексуалниот чин.

Се препорачува одмор во првата недела по операцијата. Здравствениот персонал ќе ти објасни како да внимаваш на хигиената.
Се препорачува да немаш сексуални односи барем првата недела по операцијата.

Инаку, може да имаш слабо вагинално крвавење. Додека да престане, користи влошки, не тампони.
Може да чувствуваш и болки налик на менструалните, за што може да се напиеш апче против болка.

Треба да користиш дополнителна контрацепција и по операцијата, до првата менструација. Со стерилизацијата не си заштитена од сексуално преносливи инфекции, така што слободно може да продолжиш да користиш кондом.

Ако стерилизацијата била изведена лапараскопски, обично, може да се вратиш на работа 5 дена по операцијата. За да не дојде до компликации, не треба да спортуваш ниту да креваш тешко барем една недела по операцијата.

Доколку била изведена хируршки (лапаратомски), тогаш периодот на целосно закрепнување трае околу 3 месеци.

Стерилизацијата не влијае ни на либидото ни на самиот сексуален однос. Така што, може да имаш секс штом се почувствуваш спремно.
Во секој случај, се препорачува тоа да не биде во првата недела по операцијата. Доколку сакаш да се заштитиш само од непланирана бременост, користи дополнителна контрацепција до првата менструација.

Ектопична бременост се случува кога оплодената јајце-клетка се вгнездува надвор од матката (пр. во јајцеводот). Ова е опасно затоа што бременоста не може да продолжи до крај, па може да дојде до внатрешно крвавење.

Но, стерилизацијата не го зголемува ризикот за нешто вакво. Баш напротив, доколку е успешна, го намалува.

Scroll to Top