Достапна во Македонија

Што е? 
Мала пластична направа во форма на буквата Т. Може да биде обложена со бакар или сребро или да содржи хормон. Позната е уште и како интраутерина влошка.

Како делува?
Механички ја спречува јајце-клетката да стигне до шуплината на матката. Плус, бакарот ги оштетува сперматозоидите и јајце-клетката, па не може да дојде до оплодување на јајце-клетката.

Како се користи?
Се поставува во внатрешноста на матката исклучиво од страна на стручно лице (специјалист-гинеколог).

Ефикасност
Над 99 % кога е правилно поставена

Колку чини?
Бакарна спирала: 3100-3600 ден.
Сребрена спирала: околу 5000 ден.
Хормонска спирала (Мирена): 6700-7500 ден.
*Не е покриено со здравствено осигурување

Каде може да се набави?
Во аптека, само со рецепт од специјалист-гинеколог или семејниот лекар;
Бесплатно е достапна за општествено исклучени групи на граѓани во младинските центри „Сакам да знам“ во Скопје, по претходен преглед кај тамошниот гинеколог.

Плус инфо
Штити од непланирана бременост веднаш, а може да се користи и при доење.

Сакаш да дознаеш повеќе? Продолжи со читање.
Ако имаш какво било прашање, пиши ни тука.

Во кратки црти

  • Над 99 % ефикасност
  • Различна цена за различен тип на спирала
  • Достапна во Македонија
  • Потребен е рецепт
  • Ја поставува исклучиво гинеколог
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции (СПИ)

Најчесто поставувани прашања

Кои се предностите на спиралата?
  • Штити од бременост веднаш по апликацијата;
  • Не бара никаков дополнителен ангажман;
  • Дозволува спонтаност при сексуалниот однос;
  • Може да се користи најрано 6 недели по породувањето;
  • Се менува на неколку години (меѓу 5 и 10 години, во зависност од производителот), без да изгуби од ефикасноста;
  • Може да се извади во секое време, а плодноста се враќа веднаш потоа;
  • Може да ја користат доилки и жени кои не можат да користат хормонска контрацепција;
  • Хормонската спирала ги намалува времетраењето и количината на менструацијата;
  • Ефикасноста не се намалува доколку користиш лекови.
Кои се недостатоците на спиралата?
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции;
  • Има мали шанси да испадне или да се измести (ако се случи, ова се случува во првите денови);
  • Кај некои жени, во првите 2-3 месеци бакарната/сребрената спирала може да предизвика пообилни и подолготрајни менструации и посилни менструални грчеви;
  • На почетокот може да предизвика непријатност што може да се ублажи со апчиња против болка;
  • Постои многу мала веројатност да се оштети матката при поставувањето;
  • Хормонската спирала може да предизвика нередовни менструации, промени во расположението, проблеми со кожата, покачување на телесната тежина или чувствителност на дојките;
  • Во случај на нетретирана сексуално пренослива инфекција, може да настане пелвично воспаление.
Што е разликата помеѓу бакарна/сребрена и хормонска спирала?

Во суштина, и двете се исклучително ефикасни долготрајни средства за контрацепција. Хормонската спирала е за нијанса поефикасна (99,8 % наспроти 99,2 % за бакарната/сребрената).

Од друга страна, бакарната/сребрената спирала може да трае од 5 до 10 години, додека хормонската обично има рок на траење од 3 до 5 години (и во двата случаи, зависи од производителот).

Бакарната/сребрената спирала не содржи хормони – бакарот/среброто е тоа што ги уништува сперматозоидите и јајце-клетката. Хормонската спирала, пак, содржи мала количина на прогестоген што се ослободува во репродуктивниот систем; тоа го задебелува ѕидот на матката и ги спречува сперматозоидите да влезат во матката и да ја оплодат јајце-клетката.

Хормонската спирала може да ги намали менструалните болки и крвавењето, но на почетокот (првите 3-6 месеци) може да предизвика дамки од крв меѓу менструациите, целосно да престане менструацијата или да се појават акни. Бакарната и сребрената спирала не содржат хормони, па нема ризик од акни, но може да предизвикаат пообилни или понепријатни менструации. И кај двете постои многу мал ризик да се изместат, телото да ги исфрли или да ја повредат матката.

Дали боли? Дали ќе ја чувствувам во секојдневниот живот?

Вообичаено е да почувствуваш блага непријатност на почетокот, поради што можеби ќе треба да земеш апче за болка. Во првите 2-3 месеци, додека да се навикне организмот, можно е да имаш и пообилни и подолготрајни менструации и посилни менструални грчеви. Може да имаш и крвавење меѓу две менструации. Сето ова е очекувано, но во секој случај може да се консултираш со твојот гинеколог.

Гинеколот исто така ќе ти покаже како да проверуваш дали спиралата е на место. Доколку се случи да испадне од матката или да се измести, веднаш појди на преглед.

Откако организмот ќе се навикне на спиралата, не би требало да те боли ниту да ти пречи во текот на денот.

Кој може да користи спирала?

Спирала може да користат сите девојки и жени кои имаат матка. Тука спаѓаат и оние кои никогаш не биле бремени, млади луѓе и луѓе кои живеат со ХИВ. Може да ја користат и оние на кои не им одговара оралната контрацепција (пр. поради мигрени).

Може да користиш спирала 4 недели по породувањето (независно дали е вагинално или со царски рез). Спиралата не влијае на доењето. Спирала може да се стави и веднаш по абортус (спонтан или по барање). Доколку ставиш спирала по 40-та година, може ефикасно да те штити сѐ до менопаузата.

Пред да решиш дали спиралата е соодветна за тебе, задолжително консултирај се со твојот гинеколог. Информирај го и доколку си имала каква било болест или операција бидејќи тоа можеби ќе биде важно да се знае при поставувањето на спиралата.

Кој не треба да користи спирала?

Можно е спиралата да не е најсоодветна за тебе ако:

  • Мислиш дека си бремена;
  • Имаш нетретирана сексуално пренослива инфекција;
  • Имаш/си имала пелвично воспаление;
  • Имаш проблеми со матката или грлото на матката (цервиксот);
  • Имаш крвавење од непознато потекло помеѓу две менструации или по сексуален однос;
  • Си имала ектопична бременост;
  • Имаш/си имала одредени здравствени состојби (кардиоваскуларни или поврзани со црниот дроб).
Дали е задолжителна консултација со лекар?

Да. Потребно е да се консултираш со матичниот гинеколог или семеен лекар за да утврдите дали воопшто може да користиш спирала.
Спиралата ја поставува специјалист-гинеколог.

Може ли да ја користам во комбинација со друг контрацептив?

Со оглед на тоа што не штити од сексуално преносливи инфекции, слободно може да се користи во комбинација со кондом.
Но, нема потреба да ја користиш во комбинација со друг контрацептив што штити само од непланирана бременост.

Кога може да ставам спирала?

Во кој било ден од менструалниот циклус. За да може да почнеш да ја користиш, важно е да си сигурна дека не си бремена.
Бакарната и сребрената спирала штитат од бременост веднаш. Исто така може да се користат и како итна контрацепција.

Хормонската спирала штити од бременост веднаш доколку ја ставиш во првите 7 дена од циклусот. Ако ја ставиш во друг период од месецот, во првите 7 дена треба да користиш друг метод на контрацепција (пр. кондом).

Како се става спиралата?

Спиралата се поставува во внатрешноста на матката. Ја поставува исклучиво стручно лице (специјалист-гинеколог). Може да ти биде поставена во кој било ден од менструалниот циклус, сѐ додека не си бремена.

Пред да ти ја постави, гинекологот ќе те прегледа, а може и да треба да се тестираш за сексуално преносливи инфекции. Доколку резултатите од тестот се позитивни, ќе треба да примаш терапија.

Целата процедура трае 15-20 минути. При поставувањето и потоа може да почувствуваш непријатност, па дури и болка што може да се ублажи со апчиња против болка. Најубаво и за ова да се посоветуваш со гинекологот пред да почнете.

Колку често треба да одам на преглед?

Обично, треба да појдеш на контролен преглед 3-6 недели по поставувањето на спиралата, за лекарот да провери дали сѐ е во ред. Слободно кажи му ако имаш какви било проблеми или ако сакаш да ти ја извади спиралата.

Ако немаш никакви проблеми, тогаш нема потреба од натамошни прегледи, освен од редовни гинеколошки прегледи кои треба да ги правиш независно дали имаш спирала.

Ставив спирала, ама чувствувам болка. Што да правам?

Болка во долниот дел на стомакот може да биде знак за нетретирана сексуално пренослива инфекција. Може да се појави и невообичаен вагинален исцедок со чуден мирис или висока температура. Ако е ова случај, појди што поскоро на преглед кај матичниот гинеколог.

Нема ли да падне?

Не, но може да се измести. При поставувањето, гинекологот ќе ти покаже како да проверуваш дали е на место. Во првиот месец по поставувањето пожелно е да ја провериш неколку пати, а потоа по секоја менструација.

Спиралата има две тенки врвки што ѕиркаат од матката. Ако сакаш да се увериш дека е на место, провери така што со показалецот и средниот прст ќе се обидеш да ги допреш врвките од спиралата. Не ги влечи надолу. Ако не можеш да ги напипаш, појди кај матичниот гинеколог што поскоро. 

До прегледот користи друг тип на контрацепција (пр. кондом) бидејќи кога не е правилно наместена, спиралата не те штити од бременост.

Кога и како се вади спиралата?

Спиралата може да ти биде извадена во секое време – повторно, само од страна на стручно лице.

Доколку не ја заменуваш старата со нова спирала – а не сакаш да забремениш – користи дополнителен метод на контрацепција (пр. кондом) седум дена пред вадењето на спиралата. Зошто? Затоа што сперматозоидите во спермата можат да преживеат од 72 часа до 5 дена во телото и да предизвикаат бременост по вадењето на спиралата – со кондомот ги спречуваш да навлезат во матката.

Плодноста ти се враќа веднаш по вадењето на спиралата. Ако сакаш нова спирала, гинекологот може да ти ја постави веднаш откако ќе ја извади старата.

Колку долго може да се користи?

Спиралата штити од непланирана бременост веднаш по поставувањето и може да остане во матката 5-10 години доколку е бакарна, односно 3-5 години доколку е хормонска, без потреба од менување (ова зависи од производителот). Доколку ставиш спирала на 40 години или подоцна, може ефикасно да те штити сѐ до менопаузата.

Дали можам да користам тампони ако имам спирала?

Да, со тоа што можеби ќе треба да ги избегнуваш веднаш по ставањето спирала. Но, на долг рок може да користиш и тампони и менструална чашка. Само внимавај при вадење да не ги повлечеш врвките од спиралата.

Што ако мислам дека сум бремена?

Спиралата е исклучително ефикасен метод на контрацепција, па шансите за бременост се навистина многу мали.

Но, ако се случи да си бремена, постои мал ризик бременоста да е ектопична (наместо во матката, оплодената јајце-клетка се вгнездува надвор од неа, најчесто во јајцеводот). Ако се сомневаш дека си бремена и/или имаш неочекувана и необична болка во долниот дел од стомакот, веднаш појди на преглед. Ако забремениш додека користиш спирала, задолжително треба да се консултираш со стручно лице. Доколку станува збор за рана бременост, најчесто се советува вадење на спиралата.

Што ако сакам да забременам?

Во тој случај, појди кај гинекологот и побарај да ти ја извади спиралата. Ќе можеш да забремениш веднаш потоа. И секако, побарај совет од гинекологот за сите здрави навики и грижа што се потребни за здрава и уредна бременост. Доколку само сакаш да престанеш да користиш спирала, не заборавај да користиш друго контрацептивно средство (пр. кондом).

Неодамна се породив. Може ли да користам спирала?

Обично, спирала се става 8 до 12 недели по породувањето. Така што, дотогаш користи друг метод на контрацепција.
Спиралата слободно може да се користи при доење – не влијае на квалитетот или количеството на млекото.

Може ли да ставам спирала по абортус?

Може, доколку абортусот се случил во првите 24 недели од бременоста.

Вистина ли е дека бакарната спирала може да се користи како итна контрацепција?

Да, бакарната спирала може да се користи исто како таблетата „за денот потоа“. Треба да се стави најдоцна 5 дена по незаштитениот секс/откако користениот контрацептив потфрлил.

Може ли да користам спирала ако примам лекарства?

Да. Лекарствата не влијаат врз ефикасноста на спиралата.

Може ли да ставам спирала ако имам под 18 години?

Треба редовно да одиш на преглед кај гинеколог кој ќе те следи. За да можеш да избереш матичен гинеколог, потребна ти е согласност од родител или старател. Инаку, вообичаено спирала не се препорачува како метод на контрацепција доколку немаш родено.

Scroll to Top