Модерна контрацепција

Што е? 
Мал фластер што ослободува хормони во телото преку кожата 

Како делува?  
Со ослободување на хормоните естроген и прогестерон, спречува да дојде до ослободување на јајце-клетката (овулација) и ја згуснува цервикалната слуз, што го отежнува движењето на сперматозоидите

Како се користи? 
Се става директно на чиста и сува кожа, без многу влакна. Еден фластер трае една недела, се менува еднаш неделно во текот на три недели, па се прави пауза од една недела

Ефикасност
Над 99 % ако се користи правилно 

Каде може да се набави?
Не е достапен во Македонија 

Плус инфо
Може да се носи при бањање, пливање и спортување 

Сакаш да дознаеш повеќе? Продолжи со читање.
Ако имаш какво било прашање, пиши ни тука.

Во кратки црти

  • Не е достапен во Македонија
  • Над 99 % ефикасност
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции (СПИ)

Најчесто поставувани прашања

Првиот фластер се носи 7 дена, а на осмиот ден се заменува со нов. Вака се менува во период од три недели, па се прави пауза од една недела. За време на паузата, може да се појави крвавење налик на менструалното. По паузата, треба да се стави нов фластер, дури и ако уште трае крвавењето.

Ако почнеш да го користиш во периодот од првиот до петтиот ден од менструацијата, веднаш ќе бидеш заштитена од бременост.
Ако го ставиш подоцна, во првите седум дека ќе треба да користиш и дополнителна контрацепција (пр. кондом).  

  • Многу лесно се користи;
  • Не пречи при сексуалниот однос;
  • Не мора да му ја мислиш секој ден како со оралната контрацeпција;
  • Не му се намалува ефективноста во случај на дијареа или повраќање;
  • Менструацијата може да ти стане поредовна, помалку обилна и помалку болна;
  • Може да се користи веднаш по абортус.
  • Се гледа;
  • Може да предизвика иритација или чешање на кожата;
  • Не штити од сексуално преносливи инфекции;
  • Во првите неколку месеци е вообичаено да има крвавење меѓу две менструации, но не е опасно;
  • Некои лекарства може да влијаат на ефикасноста;
  • Треба да помниш да го менуваш еднаш неделно;
  • Може да има привремени несакани ефекти како главоболка, гадење, чувствителност на дојките и промени во расположението.

Како и за секој друг контрацептив, се препорачува консултација со гинеколог или семеен лекар.
Контрацептивниот фластер не се препорачува доколку:

  • Си бремена или мислиш дека си бремена;
  • Доиш бебе помладо од 6 недели;
  • Имаш над 35 години и пушиш или си престанала да пушиш во последната година;
  • Имаш прекумерна тежина; 
  • Земаш одредени лекарства.  

Фластерот е многу леплив и мали се шансите да падне. Не би требало да се одлепи при туширање, бањање, топла купка, сауна или пливање.

Ако сепак се случи да се одлепи, во првите 48 часа треба да се стави нов фластер и да се смени по 7 дена. Одлепениот фластер не треба да се залепува одново или да се прицврстува со завој или ханзапласт.

Scroll to Top